Подгответе се за фешта: Македонската фаланга во септември ќе ја окупира Софија!

Следниот септември ќе постои само една дестинација за илјадниците членови на македонската навивачка Фаланга и тоа бугарската престолнина Софија, која денеска и официјално стана местото каде што нашите одбојкари ќе ги одиграат своите мечеви од групната фаза на ЕП 2026.

Бугарија, која е една од четирите земји-домаќини на континенталниот собир, заедно со Финска, Италија и Романија, уште пред ждрепката ја избра Македонија во својата група токму од причина што нашата селекција секогаш и секаде има огромна поддршка од трибините. Натпреварите ќе се играат во новата сала „Арена 8888 Софија“, која има двојно поголем капацитет од варненската „Конгресна сала“ во Дворецот на културата и спортот.

Варна беше првично предложена како домаќин, но одлуката се промени поради неколку фактори – успешниот настап на бугарската репрезентација на Светското првенство 2025 на Филипините (вицешампиони), големиот интерес од јавноста и поддршката од градските власти. Општина Софија одобри финансиска помош од 250.000 евра, што се покажа како клучен аргумент во изборот.

Покрај Македонија и Бугарија, во оваа група ќе настапат уште и Полска, Украина, Португалија и Израел. Покрај групната фаза, во Софија ќе се одиграат и натпреварите од осминафиналето и четвртфиналето, додека полуфиналните и финалните дуели ќе се одржат во Милано.