Историска понуда: Барселона одбила 400 милиони долари за продажба на Јамал!

Барселона одбила астрономска понуда од 400 милиони евра од Ал-Хилал за талентираниот Ламине Јамал, објавија шпанските медиуми.

Каталонскиот клуб јасно одговорил дека „Јамал не е на продажба“, иако станува збор за највисоката понуда во историјата на фудбалот. Саудискиот клуб испратил официјална понуда, која без двоумење била одбиена, уверена дека 18-годишниот напаѓач е симбол на иднината на клубот за наредната деценија. Јамал минатата пролет потпиша нов договор до 2031 година, со годишна плата од околу 10 милиони евра и бонус од 25 милиони, распределен во шест години. Иако тоа се огромни бројки за европските стандарди, саудиските клубови имаат финансиска моќ да ги надминат.

Понудата пристигнува во чувствителен момент за Барселона, која во репрезентативната пауза влезе по два порази по ред – од ПСЖ во Лигата на шампионите и од Севиља во Ла Лига. По последниот меч, се зголемиле тензиите во соблекувалната. Тренерот Ханси Флик, наводно, ги критикувал фудбалерите поради недостаток на интензитет и посветеност, додека дел од фудбалерите, меѓу кои и Јамал, изразиле незадоволство од слабата комуникација со стручниот штаб.

Понудата на Ал-Хилал, велат шпанските медиуми, дополнително ја усложнува ситуацијата. Ал-Хилал, актуелен вицешампион на Саудиска Арабија, го предводи Симоне Инзаги, а во неговиот состав се Јасин Буну, Кулибали, Тео Ернандес, Жоао Кансељо, Рубен Невеш, Милинковиќ-Савиќ и Дарвин Нуњез.

Јамал во моментов се опоравува од воспаление на препоните, поради што го пропушти поразот од Севиља (1-4), како и натпреварите на репрезентацијата на Шпанија во квалификациите за СП 2026 против Грузија и Бугарија. Неговиот настап во саботниот дуел со Џирона е неизвесен, а Флик не сака да ризикува со неговото здравје пред „Ел Класико“ на 26 октомври.