Милевски: Не ни одеше во офанзивата, но одигравме перфектна одбрана!

Македонија со голем бод се враќа од Белгија, останавме непорзени против фаворитот и ги задржавме шансите за пласман на Мундијалот како први во групата.

Селекторот Благоја Милевски е задоволен од начинот на кој Македонија одигра дефанзивно, но не и од организацијата на играта која требала да биде поинаква.

„Задоволен сум од начинот на кој функциониравме во одбраната, но никако не можам да бидам задоволен од тоа како изгледавме во организацијата на играта, а тука заслуга има и противникот, но крајниот резултат е одличен за нас, задоволен сум од начинот на кој момците го истуркаа овој меч. Добивме еден фактор Икс, а тоа е да знаеме како да одиграме добро во одбраната во меч во кој сме лоши во организацијата. Овој меч е веќе зад нас, сега мислиме на оној во понеделник“, вели селекторот Милевски.

Тој вели дека планот не бил Македонија да се брани во текот на целиот натпревар, идејата била да имаме повеќе посед отколку што сме имале, но вината за нереализираната замисла е и во противникот.

„Идејата беше да функционираме многу подобро во организацијата, да ја имаме повеќе топката во нозете, но противникот со својата агреисвност и поставеност да ги удвојуваат нашите креативци, придонесе да не функционираме во офанзивата. Сепак го извлековме максимумот од овој натпревар со оглед на тоа што бевме лоши во организацијата, но бевме перфектни дефанзивно. Среќен сум што остануваме конкурентни до крајот во овие квалификации“.