Идната недела ќе се знае дали Македонија ќе игра во Варна или во Софија

Иако Варна беше пријавена за еден од градовите домаќини на Европското одбојкарско првенство што ќе се одржи идната година, можно е да дојде до промена на оваа одлука.

Бугарија е еден од организаторите на континенталниот шампионат, заедно со Финска, Италија и Романија, а претседателот на Одбојкарската федерација на оваа земја Љубо Ганев откри дека се разгледуваат опциите, групата, сепак да се одржи во Софија. Конечната одлука се очекува на 14 октомври, на седница на Управниот одбор на БФВ.

„Ги чекаме документите од Министерството за спорт откако веќе добивме дозвола од ЦЕВ, евентуално да го промениме градот каде ќе се игра нашата група. Можеме да играме во Варна, но таму ќе продадеме 3.000 билети, а во Софија - 10 илјади. Без разлика на тоа, очекувам секаде да имаме голема поддршка бидејќи ние не ги делиме навивачите по градови, рече Ганев.

Палатата на културата и спортот во Варна има капацитет од 6.000 места, а двојно повеќе собира Арена Софија во главниот град. За Македонија ова е важно прашање, бидејќи нашата репрезентација ќе биде дел од групата во Бугарија во која се уште Полска, Украина, Португалија и Израел.