Љуботен се извини за инцидентот, кошаркарот жали што удрил – родителите се смирија!

Вчерашниот инцидент кој предизвика огромно внимание во кошаркарските кругови, во кој кошаркар на „под 14“ екипата на Љуботен намерно удри противник од Тетекс со нога во меѓуножјето додека тој лежеше на паркетот (види ТУКА), доби епилог каков што и треба кога се во прашање младинските лиги – со извинување, казни и смирување.

Прв се јави тимот на играчот кој го иницира инцидентот, со извинување и појаснување дека иако нема оправдување за постапката, таа била иницирана од претходни тензии кои резултирале со повреда на неговата нога и намерен удар со топка во неговата глава.

„Нашиот играч жали за постапката и ќе понесе соодветни последици по основ на дисциплинскиот правилник. Настанот се случи во атмосфера исполнета со тензични моменти на теренот, односно туркање во простор кон трибинската ограда што резултираше со пад и повреда на ногата, намерно удирање со топка во глава кон нашиот играч... Но без оглед на тоа, нашиот став е дека секогаш мора да преовладува спортскиот дух и почитта. Да не заборавиме - децата учат и растат преку спортот, а наша обврска е да им помогнеме од грешките да излезат посилни и подобри. Ние веруваме во спорт како место за пријателство, фер-плеј и вистински вредности“, се вели во соопштението на Љуботен.

Тренерот и родителите на кошаркарот на Љуботен веќе се извиниле кон играчот на Тетекс и на неговите родители, кое било искрено прифатено.

„Целиот случај е решен помеѓу родителите на двете деца. Претседателот на клубот и тренерот (воедно и татко на детето) ме контактираа и се извинија во нивно име и во име на клубот, а извинувањето е прифатено од моја страна. Ама затоа баш ме интересира што ќе преземе КФМ кон судијата што беше на помалку од еден метар од ситуацијата и досуди 'мртва топка'“, напиша таткото на детето што беше удрено.

Сега на потег е Куќата на кошарката, првенствено да реагира остро и според актите, што би делувало педагошки и како опомена за сите актери во кошаркарскиот спорт дека на насилството не му е место на паркетот, без разлика на тоа што го предизвикало. Казна, секако, мора да има за судиите и делегатот, кои воопшто не реагираа и не го санкционираа ударот, иако резултираше со подолго лежење на повредениот кошаркар на Тетекс.