Станиќ го објави списокот за дуелите со Ерменија и Црна Гора – целта е две победи!

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година месецов ќе продолжи со настапот во квалификациите за ЕП 2027 и тоа со натпревари против Ерменија и Црна Гора.

Првиот дуел се игра на 10 октомври против Ерменија на арената „Петар Милошевски“ во Битола, додека четири дена подоцна младите „црвено-жолти“ гостуваат во Подгорица кај Црна Гора. Селекторот, Горан Станиќ, денеска објави список од 23 фудбалери на кои ќе смета за претстојните средби.

„Во тимот има само една промена во однос на претходните натпревари. Шабан Зенку со настапите во Струга заслужи повик и верувам дека ќе ја зголеми конкуренцијата. Против Ерменија и Црна Гора одиме на победа. Атмосферата е одлична и со поддршката од публиката во Битола сигурен сум дека ќе покажеме вистинска енергија и борбен дух“, изјави селекторот Станиќ.

Младата репрезентација досега одигра два натпревари во групата и забележа порази од фаворитите – на гостувањето кај Полска (0-3) и дома против Италија (0-1).

На списокот на Станиќ се наоѓаат:

Голмани: Васко Василев (Работнички), Љупче Џеков (Силекс), Славе Вргов (АП Брера).

Одбрана: Давид Даилоски (Венло, Холандија), Андрија Димески (Вождовац, Србија), Андреј Аризанкоски (АП Брера), Анес Мелиќи (Шкендија), Ѓорге Џеков (Силекс), Нуман Ајетовиќ (Шкендија), Меметриза Хамза (Струга Трим Лум), Џезаир Авдули (Арсими).

Среден ред: Матеј Ангелов (Работнички), Шабан Зенку (Струга Трим Лум), Адриан Зенделовски (Олимпик, Шведска), Теодор Николовски (Работнички), Мартин Ѓоргиевски (Збројовка Брно, Чешка), Матеј Гаштаров (Црвена ѕвезда, Србија).

Напад: Михаил Талевски (Вардар), Димитар Данев (Вардар), Кире Стојанов (АП Брера), Мухамед Елмас (Македонија Ѓ.П.), Дашмир Елези (Работнички), Димитар Трајков (Работнички).