
Тиквеш се надева на подобри денови, Македонија ЃП има план како до три бода во Кавадарци
Турбулентниот период е зад Тиквеш, клубот повторно е на градот, па фудбалерите знаат на што се и во една таква ситуација се надеваат дека ќе почнат да доаѓаат и резултатите.
„Мора да се признае дека ова е турбулентен период за Тиквеш. Доколку победиме денеска ќе се вратиме во нормален тек. На гостувањето против Шкендија одигравме добро и штета што не успеавме да освоиме бод. Очекувам дека во иднина ќе постигнуваме подобри резултати. Ако ја погледнете табелата самите ќе се уверите дека екипите се израмнети. Ние имавме лош старт на сезоната, но конкуренцијата е израмнета и поради тоа ние немаме поголемо заостанување зад останатите екипи. Играме добро, создаваме шанси, но за жал постигнавме само три гола што значи дека мораме да ја подобриме реализацијата. Се надевам дека бргу ќе излеземе од кризата “, изјави искусниот Александар Вареловски.
Но, Македонија Ѓорче Петров си има свои математики, Симеон Христов вели дека имаат план како до трите бода.
„Планот е сличен и за денешниот дуел. Максимална концентрација, ангажираност од првата секунда. На време постигнат гол, контролирање на ситуацијата. Подготвени сме. Имаме добра атмосфера во тимот, победите си го прават своето. Максимален респект за противникот, Тиквеш е квалитетен тим. Неговата позиција на табелата не е реален показател на силата на овој тим. Како што на пример не беше ни нашата на стартот на шампионатот. Добрата работа, тренинзите, вложувањето на терен секогаш го даваат резултатот. Ако правиме се како што треба, бодовите нема да изостанат“, смета Симеон Христов.
Двата натпревари се играат од 15 часот.