
Бањаја првпат победи на спринт-трка, Маркез е сѐ поблиску до титулата во Мото ГП!
Италијанецот стартуваше од пол-позиција и не дозволи изненадувања, триумфирајќи со предност од 1,8 секунди пред клупскиот колега Марк Маркез, кој е лидер во генералниот пласман. Тој имаше тежок почеток и загуби позиции, но со три упорни напади успеа да го помине Жоан Мир, а потоа и Педро Акоста за второто место. Со освоените девет поени, Шпанецот е на чекор до светската титула – која може да ја обезбеди веќе утре во главната трка.
Акоста се искачи на подиумот со третото место, пред Мир и Франко Морбидели, кои ја комплетираа првата петорка. Поени освоија и Фабио Квартараро, Лука Марини, Раул Фернандез и домашниот возач Аи Огура. Алекс Маркез остана без пласман во топ 10 и покрај тоа што стартуваше осми.
Во генералниот пласман, Марк Маркез има 521 бод и води со 191 предност пред својот брат Алекс. Доколку во неделната трка не загуби повеќе од шест поени, титулата ќе биде математички обезбедена. Победникот во денешниот спринт, Бањаја, заостанува 272 бода зад лидерот.
Главната трка за Гран При на Јапонија, 17. рунда од сезоната во Мото ГП, е закажана за утре (недела) со почеток од 7 часот по македонско време.