Македонскиот ракометен шампион Пелистер тргна фуриозно во дуелот против дански ГОГ Гудме во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, но на крајот загуби со 28-31 во еден од најважните дуели во Лигата на шампиони (ЛШ).

По израмнетиот почеток во Битола (3-3) следеше одлична серија на Пелистер од 6-1 за предност од 9-4 против ГОГ. Данскиот тим, сепак, ги корегира грешките во нападот во продолжение и успеа да ја искористи кризата кај ривалите за да стигне до 14-14 пред паузата.

Кризата на битолчани продолжи и на стартот на второто полувреме, а тоа го искористи ГОГ за да поведе со 17-14. Пелистер постојано се обидуваше да ја намали негативата и успеа во еден момент да стигне до еден гол негатива (23-24).

Драматична завршница го одбележа мечот во салата „Боро Чурлевски“, а Пелистер се мачеше во нападот и промаши голем број шанси со кои дефинитивно можеше да направи и целосен пресврт.

Во последните минути се играше гол за гол, при што ГОГ успеа да стигне до победата со 28-31 и со тоа ја запиша првиот триумф во ЛШ, а воедно им го расипа роденденот на „Чкембари“.

Претходно, во мечот кој се играше во истиот термин, Нант славеше со 39-24 против Колштад.