Рељиќ со бронза од Полска продолжи да граби кон ЛОИ 2028 во Лос Анџелес!

Македонската таеквондистка, Милијана Рељиќ, се закити со бронзен медал на силниот Г-1 Опен во Варшава, додавајќи нови 3,60 бодови во олимписката трка за Лос Анџелес 2028.

Таа одлично го започна настапот, совладувајќи ја Австријката Аида Митровиќ со убедливи 2-0 во рунди. Во четвртфиналето ја очекуваше драматичен дуел со Хрватката Хелена Кичева, кој заврши со минимален триумф за Македонката – 2-1 во рунди и тесни 7-6 во одлучувачката трета рунда.

Нејзината победничка серија беше прекината во полуфиналето – Чехинката Петра Столбова беше посилна и славеше со 2:0 во рунди, што значеше бронза за Рељиќ. Следните предизвици за нашата најдобра таеквондистка се турнирите во Албанија и Црна Гора, а кулминацијата на сезоната ќе биде Светското првенство во Кина (24–30 октомври).