Валдано удри јавно против Винисиус: Никој во Реал не е над клубот

Се поизвесно станува дека оваа сезона ќе биде последна за Винисиус во дресот на Реал Мадрид и дека идната година во овој период, Бразилецот ќе биде во Саудиска Арабија.

Уште од стартот на мандатот на Чаби Алонсо, Винисиус не може да најде заеднички јазик со него, очигледен е и конфликтот на суети со Килијан Мбапе, а целата мадрдиска јавност застана зад францускиот репрезентативец што уште потешко ѝ паѓа на „седумката“ на Реал. Во текот на викендот, мадридскиот тим славеше против Еспањол со 2-0, но Винисиус повторно се погрижи да има проблеми во екипата откако бурно реагираше на замената во 77. минута.

Поради тоа, против него се сврте и поранешниот играч, тренер и функционер во Реал, Хорхе Валдано кој отворено го критикуваше Винисиус за неговото однесување.

„Винисиус не е каков што беше, а ни тренерот повеќе не е ист. Ќе мора прво да ја поправи својата игра и да го убеди тренерот дека е на ниво, а во секој случај, вакви изливи на незадоволство се недозволиви. Винисиус е човек кој имаше огромна поддршка од Реал, тој се бореше против целиот свет, а клубот, меѓу него и целиот свет го избра него. Сега е проблемот што Винисиус повеќе не е лут на светот, туку на својот тренер, а во Реал никој не е над клубот. Затоа треба да биде внимателен, вакви гестови се непочитување кон соиграчот кој влегува на терен“, вели Валдано.

Реал оваа сезона одигра шест натпревари, а Винисиус на ниеден од нив не помина во игра максимални 90 минути. На два меча влезе како резерва и само против Овиедо беше на посакуваното ниво.