Миовски: Ова е само првиот од многуте голови што ќе ги дадам во дресот на Ренџерс (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец, Бојан Миовски, не го криеше задоволството по голгетерското издание во дресот на Глазгов Ренџерс, откако го постигна својот прв погодок во дресот на новиот клуб во триумфот над Хибернијан (2-0) во Лига-купот на Шкотска.

Ова беше значајна победа за тимот од Глазгов, која дојде во вистински момент по серијата лоши резултати во шампионатот.

„Секогаш е убаво чувството кога ќе се постигне првиот гол во новиот клуб. Секако дека сум пресреќен, ова е прв од многуте погодоци што ќе ги дадам за Глазгов Ренџерс. Тоа беше одбиена топка, но како напаѓач секогаш треба да си внимателен и да следиш што се случува околу петте метри. Топката дојде до мене и успеав да ја сместам во мрежата. Дојдов пред самиот крај на преодниот рок, потоа заминав со репрезентацијата, така што немав многу време за тренинзи со момците. Секако ќе треба време за да се адаптирам, јас да се навикнам на нивните движења и акции, тие на моите движења, но верувам дека ќе бидеме подобри и подобри на секој нов меч“, изјави Миовски по натпреварот.

Миовски со својот деби-голг веднаш се најде во медиумите, покажувајќи зошто клубот инсистираше да го донесе од Џирона. Македонецот е уверен дека токму овој триумф може да биде пресвртна точка за неговиот нов клуб.

„Ова беше многу добра тимска изведба, од самиот почеток игравме добро, доминиравме, многу важно беше што го постигнавме тој прв погодок. Потоа полесно креиравме шанси, не избрзувавме како на претходниот меч, овојпат бевме смирени, трпеливи и создававме ситуации во противничкиот шеснаесетник. Ние сме екипа, некогаш победуваме, некогаш губиме, но треба да останеме заедно. Ова е Глазгов Ренџерс и нормално е на секој натпревар да се оди на победа, но тоа е можно само ако сме тука еден за друг, и во добрите моменти, но и во периодите кога не ни оди баш најдобро“, додаде Миовски.

ФОТО: Rangers.co.uk