
Историја: Минаа 7.200 километри и „скокнаа“ шест часовни зони за да играат во ЛШ!
Екипата и стручниот штаб прелетаа 7.200 километри преку шест временски зони за да стигнат до Португалија. Ниту еден тим во 71-годишната историја на ЛШ не поминал толку долг пат за гостување. Досегашниот рекорд од 2015 година го држеа Бенфика и Астана, со патека од 6.164 километри меѓу Лисабон и истоимениот казахстански град. Каират во првата фаза ќе има четири гостувања – против Арсенал, Интер, Копенхаген и Спортинг – со што ќе мине речиси 45.000 километри. За илустрација, патувањето со автомобил од Алмати до Лисабон би траело повеќе од 93 часа. На домашен терен, пак, клубот ќе ги пречека Реал Мадрид, Клуб Бриж, Олимпијакос и Пафос.
Казахстанците до овој историски пласман стигнаа елиминирајќи го Селтик во плеј-офот. Двете средби завршија без голови, а казахстанскиот тим славеше со 3-2 по пенали, со што стана најисточната екипа што некогаш играла во групната фаза на Лигата на шампионите. Каират минатата сезона по четврти пат стана првак на Казахстан, откако во последното коло го совлада Атирау (1-0) и ја освои титулата со само еден бод предност пред Астана. Во новата сезона, по 20 од 26 кола, тимот се наоѓа на третото место со 43 бода, исто колку Астана, додека лидер е Тобол со еден бод повеќе.
Алмати, градот од кој доаѓа клубот, е сместен во срцето на Азија, во близина на границите со Киргистан и Кина. Географски, најблиску европско гостување за тимот би било Истанбул, на речиси 4.000 километри, што е подалеку од Пекинг, кој е оддалечен 3.200 километри. За многумина е чудно што Казахстан е дел од УЕФА. Земјата до 2002 година припаѓаше на Азиската фудбалска федерација, но потоа премина во европската организација. Причините беа геополитички и спортски, со цел поголема соработка и развој на фудбалот. Две региони од земјата, Орал и Атирау, географски се наоѓаат во Европа, што го овозможи приклучувањето.
Казахстан не е единствена „трансконтинентална“ земја во УЕФА – во истата категорија припаѓаат и Русија, Турција и Ерменија.