
Ѓоковиќ ја пропушта азиската турнеја, до крај на сезоната му се сигурни само два турнира
Гренд слемовите остануваат негов приоритет, учествува и на некои Мастерси, а оние помалите турнири кои му служеа за кревање на формата, речиси целосно се избришани. Оваа сезона настапи само во Бризбејн, Доха и Женева, а последните три турнири на кои играше се Гренд слемовите: Ролан Гарос, Вимблдон и УС Опен. До крајот на сезоната остануваат уште околу два месеца и распоредот на некогаш најдобриот светски тенисер нема драстично да се менува.
За разлика од лани, сега речиси сигурно нема да учествува на азиската турнеја. Минатата година учествуваше на Мастерсот во Шангај и стигна до финалето каде загуби од Јаник Синер, но сега го нема на најавниот постер на овој турнир што е најава дека нема да биде присутен. Овој турнир почнува во првата недела од октомври.
Според најавите, до крајот на сезоната на Ѓоковиќ му се сигурни само два турнира од кои едниот е егзибициски и носи можност за голема заработка. Ќе учествува на турнирот во Атина чија лиценца ја има тој и неодамна го пресели од Белград во главниот град на Грција. Тој турнир е на програмата од 2 до 8 ноември, а претходно, од 15 до 18 октомври ќе игра во Ријад на егзибицискиот „6 Кралеви“, заедно со Синер, Алкараз, Зверев, Фриц и Дрејпер.