Тудор по епската победа над Интер: Не знам дали заслуживме!

Јувентус со гол на Аџиќ во 93. минута го победи Интер со 4-3 во спектакуларен меч каков што ретко се гледа.

Тоа беше неверојатен натпревар кој имаше страшна завршница, а главен беше црногорскиот фудбалер Аџиќ кој испрати бомба во 93. минута за победа.

„Тоа беше луд натпревар, многу голови, успони и падови, на крајот сме многу среќни затоа што победивме квалитетен тим. Задоволни сме, тоа беше само трет меч, имаме уште 35“, рече хрватскиот стратег.

Тудор го стави Аџиќ од клупата и објасни зошто го направи тоа.

„Последните пет-шест месеци работиме со него бидејќи веруваме во неговиот квалитет. Се обидувавме да му промениме некои навики кои не ни се допаѓаа, а тој тоа го прифати со вистински став“.

„Цела недела на тренинзите гледавме дека е во добра форма и имавме идеја да го ставиме во игра. Има шут од далечина кој искрено е редок во фудбалот. Мора овој гол да му биде поттик да работи уште посилно“.

Тудор вели дека не знае дали победата била заслужена.

„На вакви натпревари нема фаворити. Интер има огромен квалитет, светска класа. Нашата изведба не беше она што го можевме, особено во смисла на пресингот, но гладта на оние кои влегоа ни помогна да дојдеме до победата. Не знам дали беше заслужена или реми ќе беше фер, но тоа е фудбалот“.