Реал има „нов Рамос“ - девет натпревари, два црвени картона

Шпанскиот репрезентативец Дин Хујсен летово ја засили одбраната на Реал Мадрид откако за 62 милиона евра дојде од премиерлигашот Борнмут.

Неговиот трансфер е влог во иднината на гигантот со оглед на тоа што има само 20 години, но очигледно ќе му треба време да се навикне на различен стил од англискиот каде се дозволени малку поостри стартови и погруба игра. Со оглед на тоа што дојде веднаш по завршувањето на минатата сезона, Хујсен настапи на Светското клупско првенство и беше стандарден на почетокот од новата натпреварувачка кампања.

Одигра вкупно девет натпревари, но билансот од нив не му оди многу во прилог на тврдењето дека ќе биде засилување за одбраната. Иако Реал на овие девет меча прими само пет гола (вчерашниот од Сосиедад беше примен откако стоперот замина во соблекувална), Хујсен на нив прими дури два црвени картони. Едниот во 95. минута од мечот против Борусија Дортмунд на Светското клупско првенство и вториот вчера, во 32. минута од дуелот со Сосиедад.

Тоа е просек од еден црвен картон на 4,5 натпревари од кој може да се „засрами“ дури и рекордерот во оваа статистичка категорија Серхио Рамос со кого го споредуваат Хујсен. Во својата кариера, Рамос одигра 671 натпревар за Реал и доби 24 црвени картони што е по едно исклучување на 28 меча. Реал повторно почна медиумска хајка против судиите по вчерашниот црвен картон што го доби Хујсен, па не е исклучено тој, под притисок, да биде избришан во следните денови.