Анчелоти откри што треба да направи Нејмар за да игра на Светското првенство

Карло Анчелоти досега го нема повикано Нејмар за бразилската репрезентација, но не ја затвора вратата за него за настап на Светското првенство во 2026 година.

Нејмар нема настап за Бразил од октомври 2023 година, тоа нема да се промени доколку не се врати во врвна физичка форма.

Напаѓачот во јануари се врати во Сантош со цел да се врати во топ форма по неуспешната авантура во Саудиска Арабија, но до овој момент нема прикажано доволно за да го облече дресот на Бразил.

Карло Анчелоти вели дека вратата не е затворена, Нејмар може да биде важен дел од тимот на „кариоките“ на мундијалот во САД, но прво треба да покаже дека е физички подготвен.

„Нема да ги гледам партиите на Нејмар, нема потреба. Сите знаеме со каков талент располага. Во денешно време, за неговиот талент да дојде до израз, тој мора да биде физички подготвен. Доколку е во топ форма, без проблем ќе се најде во репрезентацијата. Сите сакаат да го видат Нејмар во националниот тим во топ форма“, вели Карло Анчелоти.

„Разговарав со него. Во моите замисли тој би играл како офанзивен фудбалер од средниот ред или напаѓач. Мора да игра централно, не може да игра по крилните позиции во модерниот фудбал ви се потребни офанзифци кои поседуваат физички квалитети, тоа е многу важно. Без проблем може да игра како офанзивец од средниот ред“.