Продолжи проклетството на Венецуела: Боливија со победа над Бразил до бараж за СП (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Венецуела останува единствена од Јужна Америка која никогаш во историјата не успеала да се пласира на Светско првенство.

Сега ја имаше најголемата шанса да го симне проклетството. Бројот на учесници на Мундијалот е зголемен, па дури шест од десет репрезентации од Јужна Америка обезбедуваат пласман, а седмата игра бараж, Венецуела во последното коло играше на домашен терен и ѝ беше потребна победа против „незаинтересираната“ Колумбија, но не успеа да дојде до неа.

Пред своите навивачи загуби со 3-6 иако два пати водеше и сето тоа во првите 12 минути од мечот. Пред крајот на полувремето почна шоуто на Луис Суарез од Спортинг кој постигна четири гола и ги сруши сите сништа на Венецуеланците дека можат да дојдат до историски Мундијал.

Поразот на Венецуела го искористи Боливија која имаше среќа решавачкиот меч да го игра на домашен терен против Бразил. „Кариоките“ одамна се пласирани на Мундијалот, па големите ѕвезди не беа многу заинтересирани за фудбал и Боливија славеше со 1-0 со голот на Мигелито од пенал во судиското продолжение од првото полувреме. Со тоа Боливија го освои седмото место во јужноамериканските квалификации и ќе игра бараж во кој ќе учествуваат шест екипи, во надеж дека ќе се пласира на Мундијалот, првпат по 1994 година.

Standings provided by Sofascore

фото: EPA photo