Пикси: Овој пораз е реалноста, дојде во вистинско време

Фудбалерите на Србија го доживеаа првиот пораз во квалификациите за Светското првенство и тоа убедлив од Англија во Белград со 0-5.

Навивачите уште пред почетокот на натпреварот и за време  на истиот испраќаа свирежи за селекторот Пикси и бараа негова оставка. Сепак, српскиот селектор порача дека нема намера да се повлече и дека навивачите имаат право да го искажат своето мислење.

„Што се однесува до тоа, луѓето имаат право на свое мислење. Имаат право да го искажат своето незадоволство, исто како што и јас сум незадоволен од поразот, тие се незадоволни и од играта и од поразот. Тоа е нормално“.

Призна Пикси дека Англија доминирала во сите сегменти на теренот.

„Тежок натпревар и тешка ноќ. Кога имате противник како Англија, тие се далеку подобри во сите сегменти од играта. Во брзина, сила, техника, и епилогот на сето тоа е пораз и таков резултат. Она што е многу важно според мене е тоа што ова е една реалност, каде сме ние и кои сме ние во однос на нив. Англичаните припаѓаат на елитата на европскиот фудбал, на самиот врв, доминираа и заслужено победија“.

Според српскиот селектор, овој пораз за Србија можеби дошол и во вистинско време со цел да ги „размрда“ пред продолжението од квалификациите додека не е доцна.

„Немоќни сте против таква екипа, на крајот на краиштата, мора да налетате на таква „мина“. Се покажа дека заслужено доминираа, постигнуваа голови, а потоа имате и црвен картон, па изгледа уште поубедливо. Со ништо не заслуживме подобар резултат. Овој пораз, колку и да е тежок, дојде во вистинско време. Зошто? Затоа што треба да се разбудиме и во октомври да бидеме посериозни. Исто така од самиот почеток на квалификациите знаевме дека наш ривал за второто место ќе биде Албанија“.

На табелата Србија е трета со седум бода, Албанија има еден повеќе, но и натпревар повеќе, Англија е лидер со максимални 15 бода по пет натпревари. Зад Србија се Летонија и Андора.