Излегоа фрустрациите: Ѓулер доживеа дебакл, па му се нафрли на Јамал (ВИДЕО)

Големите надежи од Ла Лига, Арда Ѓулер и Ламин Јамал вечерва имаа меѓусебна пресметка на репрезентативно ниво.

Шпанија славеше на гостувањето кај Турција со 6-0, Јамал не постигна гол, но беше еден од најдобрите со две асистенции поради што на површина излегоа фрустрациите на Арда Ѓулер. При обид да изведе еден слободен удар во 69. минута, Турчинот беше спречен од Јамал, па го оттурна од себе, навредувајќи го притоа за што беше опоменат од судиите. За тоа време, фудбалерот на Барселона иронично се смешкаше, задоволен од резултатот и од фактот што го изнервира својот ривал.

Последната година Ѓулер доживеа неколку болни порази во директните дуели со Јамал и очигледно тоа не го прима најдобро. Минатата сезона со Реал доживеа четири порази од Барселона, а капак беше денешниот натпревар на кој Шпанија со Јамал буквално ја разнесе Турција во Коња.