ЖФК Љуботен декласиран од Розенгард, сега ќе игра за „преселба“ во Европа купот!

Македонскиот шампион во женска конкуренција, екипата на ЖФК Љуботен, ги заврши настапите во квалификациите за Лигата на шампионите (ЛШ), откако денеска беше елиминиран во полуфиналето на вториот турнир со тежок пораз од шведскиот Розенгард (0-5).

Фаворитот од Малме ја оправда својата улога и уште еднаш ја потврди европската класа. Тетовчанки успеаја да издржат речиси цело полувреме без примен гол, но во самиот финиш на првиот дел Розенгард поведе од пенал, кој го реализираше Имо. Во продолжението, шведскиот тим го зголеми темпото и целосно го реши победникот. Имо погоди уште еднаш, а се запишаа и Сјостром и Ларсон, која беше двоен стрелец.

Љуботен ќе ја продолжи европската авантура со битка за третото место во групата, кое обезбедува настап во квалификациите за новоформираниот Европа Куп на УЕФА. Ривал на македонскиот претставник ќе биде подобриот од дуелот меѓу СФК Сарајево и белгиски Леувен.