Поранешен НБА кошаркар го смени спортот – стана највисок професионален фудбалер (ВИДЕО)

Во квалификациите на Рускиот куп, екипата на Амкал Москва славеше на гостувањето кај Калуга (1-0), во меч кој стана светски вирален поради едно необично деби – поранешниот НБА-кошаркар Павел Подколзин за првпат заигра како професионален фудбалер.

Станува збор за 40-годишен спортист, кој е висок 226 сантиметри и кој со своето појавување стана највисокиот фудбалер што некогаш излегол на професионален терен. Тој дури и имаше шанса да постигне гол.

„Ова е одлична можност да се испробам и во овој спорт. Претходно рекреативно играв кошарка во медија-лигата заедно со претседателот на клубот“, изјави Подколзин.

Подколзин во сезоните 2004/05 и 2005/06 настапуваше за Далас маверикс, каде што одигра шест натпревари и запиша вкупно четири поени. Потоа се врати во татковината и играше за неколку руски клубови, пред да се префрли во фудбалот.