Кошаркарите од неважниот дуел со Унгарија може да добијат – ептен многу!

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва во салатаСРЦ „Кале“, против Унгарија (19 часот) ќе го одигра последниот натпревар од претквалификациите за СП 2027, меч кој нема резултатско значење, но може да значи многу за подмладениот состав предводен од селекторот Марјан Илиевски.

Унгарците заедно со Романија ќе продолжат во квалификациите за Светскиот куп, што значи дека во денешниот може да влезат порелаксирано, што пак е голема шанса за жолто-црвените за прва победа во овој циклус со што би добиле дополнителна самодоверба. Нашите кошаркари пред десетина дена беа убедливо поразени од истиот противник во Солнок, но селекторот Илиевски најави дека без разлика на тоа, тимот ќе одигра максимално мотивирано.

„Секој натпревар е важен, без оглед дали е официјален или само тренинг. На хартија Унгарија е поквалитетна и поискусна, но ние ќе дадеме сè од себе и ќе се бориме за победа“, истакна Илиевски.

За Македонија овој дуел е воедно и старт на подготовките за наредните предизвици, со оглед што веќе од ноември ќе го почне настапот во првата фаза од претквалификациите за ЕП 2029. Евентуален триумф вечерва, секако, би бил огромен поттик и за младите кошаркари и за новиот селектор пред овој тотален ресет во репрезентативната кошарка.