Северна дефинитивно оди во историја, кошарката пак ќе биде – Македонска!

Враќањето на името Македонска кошаркарска федерација (МКФ), односно промена на омразената придавка „Северна“ од сегашното име ќе биде една од точките на претстојното Собрание на Куќата на кошарката, закажано за 25 август.

Со ова се става крај на непријатната епизода што предизвика негативни емоции во јавноста, откако кошарката стана еден од ретките спортови во кое беше имплементирана непопуларната придавка во името на националната федерација. Тоа се случи пред шест години, на Собранието на кои Перо Антиќ беше избран за предводник на макбаскетот. Со неговото заминување, односно со доаѓањето на Томица Главчев на негово место се создадоа услови за бришење на непотребниот збор од името, нешто што по потпишувањето на Преспанскиот договор не го направија останатите федерации во големите спортови како фудбалот, ракометот и одбојката.

Ставот на новото раководство во насока на бришењето на „Северна“ се виде и на средбите од претквалификациите за СП 2027 на кои националниот тим по подолго време првпат играше без оваа придавка на дресовите, односно само со меѓународниот код на нашата држава (МКД).

На претстојниот собир на клубовите, пак, е и планирано усвојување на финансиските извештаи за 2023 и 2024 година, како и одредени, во принцип козметички, промени на Регистрацискиот правилник, Деловникот за работа на Собранието и на Статутот на КФМ.