Младата репрезентација на Англија ја одбрани европската круна (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Англија ја одбрани титулата на Европското У21 првенство и четврти во историјата е континентален првак во оваа категорија.

Во големото финале што се одигра вечерва во Братислава пред 20 илјади гледачи, Англичаните ја победија Германија со 3-2 по 120 минути игра. Клучниот гол го постигна Џон Роу по две минути во првото продолжение откако во основниот дел резултатот беше 2-2.

Селекцијата на Англија во 24. минута имаше водство од 2-0 благодарение на головите на Елиот и Хачинсон и се чинеше дека без проблеми ќе стигне до титулата. Сепак, Германците се вратија во игра откако Вајпер намали во судиското продолжение, а Небел израмни во 61. минута, па дури имаа шанса да го комплетираат пресвртот. Откако не успеаја во тоа, Роу погоди во 92. минута и ѝ донесе нова титула на Англија, по онаа пред две години на првенството што се одржа во Грузија и Романија. Во 121. минута Германија можеше да израмни, но Мерлин Рол ја погоди пречката.

За МВП на турнирот беше прогласен фудбалерот на Ливерпул, Харви Елиот, додека најдобар стрелец со шест гола е германскиот репрезентативец Ник Волтемаде. Со ова, Англичаните го повторија успехот од 1982 и 1984 година кога исто така два пати по ред беа европски шампиони во У21 категоријата.