Голем проблем за мак-претставниците во УЕФА: Арената е зафатена, ќе играат надвор од државата?!

Македонските претставници во европските фудбалски натпреварувања би можеле да се соочат со сериозен логистички проблем – затворањето на Националната арена „Тодор Проески“ во втората половина од јули може да ги принуди дел од овие екипи своите домашни мечеви да ги играат надвор од Македонија. 

Вардар, Работнички и Шкендија своите натпревари од првото квалификациско коло ќе ги одиграат на „Градски“, а единствен исклучок е Силекс, кој реши црногорскиот Дечиќ да го пречека на тренинг-центарот „Петар Милошевски“. И тука нема проблеми. Но, ситуацијата се комплицира веќе од втората квалификациска рунда, која временски се поклопува со одржувањето на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), што ќе се одвива од 20 до 26 јули во Скопје.

Во тој период, Националната арена ќе биде недостапна за фудбалски натпревари. Тоа се совпаѓа со термините од вторите кола од европските натпреварувања, што ќе донесе главоболки за тие што ќе ја минат првата пречка. Евентуалните мечевите на Шкендија во ЛШ се планирани за 22/23 и 29/30 јули, додека можните средби на Работнички, Вардар и Силекс во Конференциската лига се закажани за 24 и 31 јули.

Дополнителна компликација е тоа што и Шкендија, во случај на елиминација од Лигата на шампионите, продолжува во Конференциската лига, што значи дека повторно ќе има потреба од термин и стадион. Доколку поголем дел од овие клубови обезбедат пласман во втората рунда, што секако е нивна примарна цел, нема доволно лиценцирани алтернативи во земјата кои ги исполнуваат УЕФА-стандардите.

Во тој случај, дел од екипите би можеле да бидат принудени да ги одиграат своите „домашни“ натпревари надвор од македонската територија односно на некој стадион во регионот.