Алкараз со епски пресврт го победи Синер во најдолгото финале на Ролан Гарос!

Карлос Алкараз губеше со 2-0 во сетови од Јаник Синер, но шпанскиот тениски ас успеа да се врати, победи со 3-2 (4-6, 6-7, 6-4, 7-6, 7-6) и го одбрани трофејот на Ролан Гарос, ова беше најдолгото финале на Ролан Гарос.

Спектакуларното финале меѓу двајцата најдобри тенисери во моментов, Алкараз и Синер одиграа фантастичен меч кој траеше дури 5 часа и 31 минута.

Кога се чинеше дека Синер ќе го добие мечот, Алкараз се издигна на своето највисоко ниво, спаси и меч топка во четвртиот сет и дојде до неверојатна победа.

Во првиот сет Синер прв загуби свој сервис, Алкараз поведе со 3-2 и сервираше, но Италијанецот веднаш врати со брејк и израмни на 3-3. При водство од 5-4 му зема уште еден сервис на Алкараз и го доби сетот со 6-4.

Двајцата тенисери земаа по еден брејк во вториот сет кој се решаваше со тајбрејк. Во него беше поуспешен Синер со 7-4.

Во третиот сер Алкараз загуби два свои сервиси, но направи дури три брејка па го доби сетот со 6-4 и намали на 2-1 во сетови.

Течеше четвртиот сет кога Синер имаше меч топка при сервис на Алкараз, но Шпанецот успеа некако да се спаси и психолошката предност отиде на негова страна. Го донесе сетот до тајбрејк кој го доби со 7-3 и изедначи на 2-2.

Во последниот решавачки сет Алкараз тргна со брејк, но при водство од 5-4 не успеа да го задржи својот сервис, Синер се врати. Мечот отиде во тајбрејк кој се играше до десет поени, а во него апсолутната доминација ја имаше Шпанецот. Алкараз го доби тајбрејкот со 10-2 и славјето можеше да почне.

Ова не само што беше најдолгото финале на Ролан Гарос, туку беше и најдолгиот меч на двајцата тенисери во нивните кариери.

Синер ќе почека друга можност за да го освои Ролан Гарос, за Алкараз ова е петти освоен грен-слем турнир, втор во Париз.

Фото: EPA