Ѓоргиев: Нема да излеземе со бело знаме во Европската лига, туку ќе играме за победа!

Македонските одбојкарски репрезентативци пристигнаа во Струмица каде што го имаа првиот собир пред предизвиците кои ги очекуваат ова лето, а тоа е настапот во Златната Европска лига и квалификациите за Европското првенство (ЕП) против Грција и Грузија.

Капитенот на репрезентацијата Никола Ѓоргиев кажа дека не се плашат од никого во Европската лига и нема да излезат на теренот со бело знаме, туку ќе се борат против секого за победа.

„Секогаш кога почнуваме едно ново поглавје за мене претставува голема среќа и многу сум среќен, возбуден и мотивиран за она што претстои. Првите впечатоци и првите разговори велат дека момците се супер, сите сме добри, попладнево ќе го одработиме и првиот тренинг. Јас сум оптимист, ако не бев немаше да бидам овде и се надевам дека ќе успееме да имаме здраво, а потоа и резултатски добро лето. Од ден во ден почнувајќи од денеска би сакал репрезентацијата да се вклопи, да живее како едно и да напредуваме, да се воигруваме што е можно подобро. Не можам да ветам ништо од старт или да најавувам фајнал-фор бидејќи тоа е преголем залак, во моментов, можеби за три недели нема да биде. Во Европската лига од никого нема да се плашиме и пред никого нема да излеземе со бело знаме и против секого ќе играме за победа, тоа јас можам да го ветам. Што се однесува до Грузија и Грција, тоа е далеку од сега, но нема дилеми дека сите потсвесно мислиме и на тоа. Сега би размислувал од ден на ден, што побрзо да се најдеме, бидејќи некој имал два месеци пауза, некој пет дена и мора да се воиграме што е можно подобро и да излеземе на мегдан. Пријателскиот двомеч со Хрватска е одлична подготовка во пресрет на Златната лига, според мене колку повеќе натпревари играме заедно, толку подобро и верувам дека тоа ќе ни помогне да го набилдаме натпреварувачкиот дух во пресрет на првиот турнир“, вели капитенот на репрезентацијата.

Македонија ја очекуваат настапи во Европската лига од 7 до 22 јуни, кога ќе бидат одиграни шест средби, а потоа на 28 јуни е закажан дуелот против Грузија во евроквалификациите.

Фото: Одбојкарска федерација на Македонија