
МЗТ лесно го „начна“ Куманово, МВП на првото полуфинале – навивачите (ФОТО)
Аеродромци беа доминантен противник уште од самиот почеток, а триумфот го обезбедија уште во првата четвртина во која на брзина дојдоа до предност со 16 поени (26-10). Домашниот тим во вториот период ја зголеми разликата над границата од 20 поени, додека во третиот дел ги имаа највисоките на мечот плус 31 (64-33). Избраниците на тренерот Васко Атанасов тогаш ја намали брзината, што на гостите им беше доволно да ја намалат нивната предност и дома да си заминат со прифатлива негатива.
Дамјан Стојановски беше убедливо најдобар кај МЗТ со 18 поени постигнати од шест тројки со само едно промашување. Зад него беше Бојан Крстевски со 14 поени, а двоцифрен ефект имаше и Марин Петков со 12 поени. Лука Петровиќ со 15 поени беше најпрецизен кај Куманово. Епитетот МВП, сепак, го имаа навивачите на двата тима, кои создадоа одлична атмосфера, без ниту еден инцидент, а во еден момент заеднички со транспаренти ја одбележија годишницата од загинувањето на осум полицајци во борба со терористи во кумановската населба Диво насеље.
Вториот меч од серијата се игра во вторник исто така во скопски Аеродром. Пласман во финалето ќе обезбеди тимот кој прв ќе дојде до три победи. Во второто полуфинале силите ќе ги одмерат ТФТ и Работнички во серија која почнува утре во СРЦ „Кале“.