„Месина има проблем со Димитријевиќ и со Русија – затоа не дозволи да дојде кај нас!“

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Ненад Димитријевиќ, речиси сигурно ќе го напушти италијанскиот клуб Олимпија Милано на крајот од тековната сезона, иако има уште една година од договорот.

Според информации од италијанските медиуми, тренерот Еторе Месина повеќе не смета на него во ростерот. Популарниот Нено пристигна во Милано минатото лето, но последен пат настапи за клубот во почетокот на април, во дуелот со Реџана во италијанската лига, каде одигра девет минути и постигна четири поени. Потоа изостана од следните три натпревари. Иако сезонава забележа солиден учинок со просек од 7,6 поени и 2,9 асистенции, како и неколку впечатливи настапи – 22 поени против Реал Мадрид, 15 против Панатинаикос и Фенербахче – неговиот статус во тимот остана маргинализиран.

Интерес за негово враќање покажува поранешниот клуб Уникс од Казан, каде што Димитријевиќ имаше блескава сезона и беше прогласен за МВП во ВТБ лигата за 2023/2024, со просек од 18,9 поени, 3,6 скока и 6,9 асистенции по натпревар.

„Сакаме да го вратиме, бидејќи Ненад има што да понуди. Тој е во години кога мора да игра, а не да седи на клупа. Се обидовме да го донесеме и сега пред плејофот, но Месина не попушти. Очигледно не ја сака Русија, иако работеше тука во минатото“, изјави Евгениј Богачев, долгогодишен функционер на рускиот клуб.

Богачев додава дека Уникс нема да се откаже од намерата и ќе го следи развојот на ситуацијата во летниот преоден рок. Минатото лето, Милано плати 100.000 евра на Уникс за да го ангажира Димитријевиќ.

ФОТО: EPA PHOTO