Српски судија призна дека му ја украл титулата на Партизан - ѝ ја подарил на Ц. Звезда!

Неверојатно признание доаѓа од српскиот судија Новак Симовиќ – човекот кој ја делеше правдата на натпреварот Партизан – Чукарички одигран во април 2022 година, натпревар кој се уште се споменува како еден од клучните моменти во тогашната трка за титулата меѓу вечните ривали.

Тој во интервју за „Спортски журнал“ отворено призна дека направил сериозна судиска грешка, не покажувајќи директен црвен картон за фудбалерот на Чукарички, Бојан Ковачевиќ, по грубиот фаул врз Рикардо Гомеш. Партизан тогаш ремизираше, иако со исклучување можеше да има играч повеќе и реални шанси да победи.

„Најмногу жалам за таа грешка. Немав шанса да ја исправам со ВАР – кој за жал не беше достапен тогаш. Веднаш по мечот разговарав со тренерот Станојевиќ и му признав дека згрешив. Тоа ми остана товар и денес“, изјави Симовиќ.

Тој ги отфрли шпекулациите дека имало расправија со тогашниот тренер на Партизан, велејќи дека разговорот бил културен, но тежок. Црвена звезда пред три години ја освои титулата таа сезона со 100 бода, само два повеќе од Партизан – разлика која можеби никогаш немаше да постои доколку тогаш беше досуден црвениот картон на Баново брдо.

ФОТО: X / @DopisnikHumska1