
Реал го победи Атлетик, ама „кралевите“ пак грмат на судењето
Утринава веднаш беше направена анализа на клупската телевизија и извршен е жесток напад на арбитрите, но и на Барселона. Клучни се два момента: поништениот гол на Винисиус поради офсајд на Ендрик и недосудениот пенал врз Белингам од Унаи Нуњес. Вториот момент, според мадридскиот клуб, многу наликуваше на пеналот што во саботата го доби Барселона против Селта за фаулот над Олмо, па дури беше направена споредба на двете ситуации. Освен тоа, од Реал денеска грмат и поради тоа што Рафиња не добил црвен картон за агресијата врз Јаго Аспас. Посебна приказна, според „кралевите“, е поништениот гол на Винисиус.
„Каде е топката во полуавтоматскиот систем? Не се појавува, треба да поверуваме? Како да веруваме во тој систем на Клос Гомес, со реализација на Медиапро што прави грешки од недела во недела?“, прашуваат од Реал.
На шест кола пред крајот на сезоната во Ла Лига, Реал заостанува четири бода во однос на Барселона, а синоќешната победа беше од исклучително значење бидејќи мадридскиот тим се уште има шанси, со евентуален триумф во Ел Класико, да дојде до титулата.