Де Брујне се отвори: Гвардиола ме избрка – јас сакав да останам во Сити!

Кевин Де Брујне потврди дека Манчестер Сити одлучил да не му понуди нов договор, со што по десет години се заокружува неговата ера на „Етихад“.

Иако првично самиот ја објави разделбата со клубот, белгискиот плејмејкер сега открива дека иницијативата дошла од управата. Според неговите зборови, тој бил подготвен да продолжи со настапи за англискиот шампион и сметал дека и понатаму може да игра на највисоко ниво. Сепак, челниците на клубот, Чики Бегиристан и Феран Соријано, му соопштиле дека клубот нема намера да му понуди продолжување на соработката. Според медиумски извори, во донесувањето на одлуката бил вклучен и тренерот Пеп Гвардиола, кој решил да го избрка, иако не бил директно присутен на клучниот состанок.

„Бев изненаден. Цела година немав никаков сигнал од клубот за продолжување на договорот, а потоа директно ми кажаа дека одлуката да ме избркаат е веќе донесена. Не беше лесно да го прифатам тоа, но свесен сум дека понекогаш клубовите мора да направат тежок чекор,“ изјави Де Брујне.

Тој додаде дека информацијата ја дознал четири дена пред официјално да ја соопшти во јавноста. Во тој период, неговото семејство било надвор од Англија, што дополнително ја отежнало ситуацијата за него.

„Кога конечно кажав јавно, почувствував олеснување. Беше полесно кога вистината ја знаеше цел свет, отколку кога ја носев сам,“ дополни белгискиот ас.

Де Брујне истакна дека и покрај сè, ќе даде максимум за Сити до крајот на сезоната, бидејќи и натаму ужива во фудбалот. Тој има понуди од Саудиска Арабија и од САД, но не ја исклучува можноста да остане во Премиер лигата.

ФОТО: X / ManCity