Флојд Мејведер ќе дојде на прославата на седмата титула на МЗТ Скопје?!
Плејмејкерот на „металците“, иако на прв поглед делува како залутан во светот на џиновите, веднаш се покажа како вистинска машина за давање кошеви. Најголем доказ за тоа беа неговите 30 поени во второто полувреме од полуфиналето против Блокотехна.
Тој во сино-белиот дрес дојде од НБА Џи-лигата (поранешна НБДЛ) каде што беше вистинска сензација со оглед што неговите средби често ги следел најдобриот боксер на денешницата, Флојд Мејведер. Нивното пријателство е причината поради која Крафорд често се наоѓал на насловните страници на спортските весници или бил дел од најгледаните спортски емисии во САД.
„Со Флојд се познавам речиси цел живот. Тој е мој голем пријател, поточно животен тренер или ментор. Постојано сме во комуникација, дури и сега додека сум во Скопје се слушаме два-три пати неделно. Претходно се гледавме колку што можеме, тој следеше во живо неколку мои средби во Џи-лигата, а јас бев на неговиот историски дуел против Конор Мекгрегор. Уживав како го искрши од ќотек (се смее-н.з.)“, со сјај во очите Крафорд за „Спорт1“ ја објаснува својата поврзаност со легендарниот боксер.
Неговата близина со Мејведер би можело да биде и тоа како плодна и за Македонија, пред сѐ за вљубениците во „племенитата вештина“, но и сите спортски вљубеници кај нас.
„Флојд нема поим каде всушност играм сега, но разговаравме за можноста да дојде да ме посети во Скопје, нормално, ако во следниот период му се укаже опција да патува во Европа. Ќе пробам тоа да се совпадне со периодот кога ќе играме за титулата односно да биде тука кога ќе го прославуваме евентуалниот триумф во големото финале. Ќе биде супер да ја види навивачката лудница на која бев сведок во Кавадарци, а која верувам ќе биде уште поголема ако МЗТ Скопје по седми пат стане шампион“, вели Американецот.
Најавата на Крафорд, колку и да е таа од денешна гледна точка далечна и можеби тешко изводлива, може да биде причина плус за сите неутрални љубители на спортот кај нас да навиваат за МЗТ Скопје, со цел на прославата на пехарот да ја видат можеби најголемата светска спортска ѕвезда во моментов кој само за неодамнешниот меч со Конор Мекгрегор инкасира сто милиони долари.