„Ќе беше многу неправедно ако Македонија го совладаше Велс!“

Репрезентативецот на Велс, Дејвид Брукс, кој го постигна израмнувачкиот гол на синоќешниот меч против Македонија, изјави дека неговата селекција не заслужила да загуби на овој натпревар.

Пресметката во Скопје заврши со резултат 1-1, а гостите изедначија буквално во последната секунда откако Бојан Миовски претходно во првата минута од судиското надополнување ѝ донес епредност на нашата репрезентација.

„Ова беше многу тежок меч. Гостувањата на вакви терени секогаш се предизвик. Нашиот легендарен играч направи мала грешка, а тимот сакаше да му помогне. Благодарен сум што јас бев тој што го постигна голот. Заслуживме можеби и повеќе, но на крајот мора да го прифатиме бодот, знаејќи колку бевме блиску до пораз. Ќе беше многу неправедно Македонија да освои три бода“, изјави фудбалерот на Борнмут.

Брукс додаде дека македонската репрезентација има квалитет и може да биде незгоден противник во групата.

„Имаме четири бода, сакавме шест, но се надевам дека во јуни ќе ги освоиме и тие шест од двата меча“, заклучи тој.

Македонија и Велс имаат по четири бода по првите два меча, Казахстан има три, а Лихтенштајн е без бодови во нашата квалификациска група, во која е и Белгија која не настапи во овој мартовски циклус.