Јакимовски го чуваше најдоброто за крај - со личен рекорд ја заврши НЦАА кариерата (ВИДЕО)

Еден од најдобрите македонски кошаркари во моментов Андреј Јакимовски синоќа го одигра својот последен натпревар во НЦАА лигата.

Колорадо Бафалос доживеа пораз од првиот носител Хјустон во четвртфиналето од плејофот во дивизијата Биг-12 што значеше и елиминација за оваа екипа, а со тоа заврши и колеџ-кариерата на нашиот играч. Кугарс славеа со 77-68 и го продолжуваат својот пат во „мартовското лудило“, а имаат и големи амбиции во финишот од НЦАА.

Јакимовски се погрижи простувањето од НЦАА да биде со стил. Беше убедливо најефикасен играч на натпреварот со 25 поени што е негов личен рекорд во колеџ лигата на САД. Негово досегашно најдобро остварување беа 22 поена, постигнати во дресот на Вашингтон Стејт, во втората сезона (2021/22).

Македонецот оствари и осум скока и четири украдени топки, за достојно заминување од оваа конкуренција во која мина пет години. Јакимовски беше најдобар играч на Колорадо во плејофот, постигнувајќи вкупно 54 поени на трите меча или по 18 на натпревар што е далеку над неговиот просек во текот на сезоната кој изнесуваше 10 поени.