УЕФА го прекина молкот: Голот на Алварез е оправдано поништен (ВИДЕО)

Реал Мадрид го елиминира градскиот ривал Атлетико Мадрид во осминафиналето на Лигата на шампиони (ЛШ), а пенал-рулетот предизвика контроверзи откако судијата Симон Марчињак му поништи гол на Хулијан Алварез.

Алварез ја допрел двапати топката и со тоа ги прекршил правилата, иако Диего Симеоне бурно реагираше по поразот, па сега Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) реши да ја објасни одлуката.

„Сакаме да потврдиме дека постоеше минимален контакт со двете нозе при изведување на пеналот на Алварез. Според актуелните правила, ВАР-собата му сигнализира на судијата во овие случаи и голот мора да биде поништен. УЕФА ќе разговара со повеќе лица и ќе ја разгледа можноста за евентуална промена на ова правило, посебно кога двојниот контакт е ненамерен“, соопшти УЕФА.