
Лазаров: Македонец по забележителен успех е тешко да го држиш свесен и трезвен
На домашен терен загуби од Словенија со шест гола разлика во меч во кој одигра добро прво и бледо второ полувреме. Селекторот Кирил Лазаров не е разочаран по поразот, но му пречи менталитетот на неговите ракометари за што зборуваше и по мечот.
„Одигравме перфектни 20 минути и не заслуживме само еден гол предност на полуверме. Добро ќе анализираме, момците играа прецизно во напад и одбрана. Во голем дел од мечот Словенија беше немоќна, ама нашите момци беа разочарани по исходот на првиот дел. Се обидовме да им укажеме дека не треба да жалат за тоа што можевме да имаме повеќе предност. Во второто полувреме имавме проблем на централната позиција во одбраната. Црвениот картон ни беше проблем, бевме принудени да играме со Павле Атанасијевиќ на неприродна позиција и тоа беше проблем.
Нашата цел е Европското првенство. Сигурно дека ќе жалиме утре, иако бев резервиран пред мечот. Македонец по забележителен успех е тешко да го држиш свесен и трезвен. Ова е добра лекција за нашиот менталитет. Ние само се повторуваме, не знаеме како Македонци да бидеме константни во повремените успеси. Треба да се работи на менталниот склоп“, изјави Лазаров.
Веќе в недела Македонија ја очекува реванш дуел против Словенија во Копер, во меч во кој противникот повторно ќе биде фаворит.