Шпанска доминација: Братска „еден-два“ победа на Мото ГП трката во Тајланд (ВИДЕО)

Возачот на Дукати, Марк Маркез, е победник на првата трка од новата сезона во Мото ГП – Големата награда на Тајланд.

Со овој триумф, тој по шест години повторно се најде на врвот во генералниот пласман, а воедно, за првпат како возач на Дукати триумфира на првата трка во сезоната – подвиг кој последен пат го направил пред 11 години. На подиумот му се придружија неговиот брат Алекс Маркез, кој вози за Гресини Дукати и неговиот тимскиот колега Франческо Бањаја. Овој редослед беше идентичен и на вчерашниот спринт.

Трката започна со контакт меѓу Бањаја и Алекс Маркез, по што помладиот од браќата падна на четвртото место. Сепак, веќе во првиот круг ги мина Аи Огура и Бањаја, враќајќи се на втората позиција. Во седмиот круг, Марк Маркез направи грешка и привремено му го препушти водството на својот брат. Редоследот остана непроменет се до три круга пред крајот, кога Маркез повторно го презеде водството и ја обезбеди победата.

Франко Морбидели (ВР46) ја заврши трката на четвртото место, додека дебитантот Аи Огура (Априља) импресионираше со својата изведба и заврши петти. Првите десет ги комплетираа Марко Бецеки, Жоан Зарко, Бред Биндер, Енеа Бастианини и Фабио ди Џанантонио.

Следната трка од сезоната е закажана за Големата награда на Аргентина, која ќе се вози од 13 до 16 март.