
Рекорден буџет за спорт во 2025 – милијарда и сто милиони денари!
Ова го истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочовска, на денешната панел-дискусија во Скопје на тема „Ракометот – спорт број 1?“, посветена на стратегијата, визијата и финансирањето на ракометот и спортот воопшто.
„Мене ми е важно државата да има добро образование и спорт. Дуплиран е буџетот во однос на претходната година. За 2025 година 1,1 милијарда денари, повеќе од три пати во однос на 2019 година. Кога веќе издвојуваме толку средства, мораме да знаеме и како се трошат. Сведоци сме на незадоволство од некои клубови, што нѐ поттикнува да размислуваме за реформи во начинот на финансирање. Ова би значело намалување на директните субвенции преку Министерството за спорт, но суштинското прашање е што сакаме да постигнеме – фер услови и мотивирачка средина за младите спортисти“, нагласи Димитриеска-Кочовска.
Министерката подвлече дека спортот не само што создава здрава нација, туку и мора да обезбеди еднакви можности, особено во пионерските и младинските натпреварувања. Обраќање на панел-дискусијата имаше и министерот за спорт, Борко Ристовски, кој потенцира дека ракометот е избран за спорт број еден во државата и дека поради тоа ќе добие најголема поддршка.