Куртоа се враќа во репрезентацијата во квалификациите во кои Белгија ќе игра со Македонија

Смената на селекторската позиција во белгиската репрезентација придонесе Тибо Куртоа да размислува за враќање во националниот тим откако безмалку две години беше надвор од него.

Причина за тоа беше конфликтот со поранешниот селектор Доменико Тедеско кој е сменет и на негово место е поставен Руди Гарсија. Во поткасот на Рио Фердинанд, искусниот голман призна дека ќе биде достапен за новиот селектор.

„Ми недостасуваше репрезентацијата, но сега сум подготвен за враќање“, рече Куртоа кој има 102 настапа за националниот тим и се наоѓа на осмото место на вечната листа според бројот на одиграни натпревари за „црвените ѓаволи“.

Белгија во март ќе учествува во плејофот од Лигата на нации, а во јуни ги почнува квалификациите за Светското првенство. Прв противник ѝ е Македонија на 6 јуни во Скопје.