Дејвис се повреди на дебито за Далас, Јокиќ релаксирано продолжи да – блеска (ВИДЕО)

Ентони Дејвис имаше импресивно деби во дресот на Далас Маверикс, предводејќи ја својата нова екипа до победа против Хјустон со 116-105.

„Телињата“ ја искористија домашната предност и со одлична игра во првото полувреме се наметнаа како подобар тим. Крилниот центар, кој пристигна од ЛА Лејкерс како дел од размената за Лука Дончиќ, блескаше со 26 поени, 16 скокови, седум асистенции и три блокади за нешто помалку од 31 минута игра. Посебно доминираше во првото полувреме, завршувајќи го со 24 поени, 13 скокови, пет асистенции и три блокади. Сепак, потенцијален проблем за Маверикс е што Дејвис се повреди во третиот период и не се врати на теренот по излегувањето во соблекувалната. Освен него, во тимот на Далас се истакна и Макс Кристи, поранешен играч на „езерџиите“, кој постигна 23 поени. Од другата страна, најдобар кај Хјустон беше Алперен Шенгун со 30 поени и осум скокови.

Голден Стејт беше убедлив против Чикаго, победувајќи со 132-111. Џими Батлер на своето деби за Вориорс забележа 25 поени, четири асистенции и два скока. Денвер, пак, славеше против Феникс со 122-105, а Никола Јокиќ беше на чекор до трипл-дабл, завршувајќи со 26 поени, 11 скокови и девет асистенции, но остана на клупата во последната четвртина. ЛА Клиперс на домашен терен беа поуспешни од Јута со 130-110, а Ивица Зубац беше лидер со 26 поени и 15 скокови. Џејмс Харден придонесе со 23 поени и 17 асистенции.

РЕЗУЛТАТИ: Далас – Хјустон 116-105, ЛА Лејкерс – Индијана 124-117, Орландо – Сан Антонио 112-111, Вашингтон – Атланта 111-125, Чикаго – Голден Стејт 111-132, Мемфис – Оклахома Сити 112-125, Минесота – Портланд 114-98, Њујорк – Бостон 104-131, Феникс – Денвер 105-122, Сакраменто – Њу Орлеанс 123-118, ЛА Клиперс – Јута 130-110.