Лазаров: Мојата иднина зависи од плановите на новите луѓе во РФМ!
Претседателот Живко Мукаетов сигурно ќе си замине, што нормално отвори дискусија дали неговите стапки ќе ги следи и селекторот со оглед на нивната поврзаност и во националниот тим и во клубот Алкалоид. Ниту еден човек во Македонија не посакува сценарио без популарниот Кире на клупата, но тој остава времето да покаже што ќе се случува во иднина.
„Каква е мојата иднина? Треба да ги оладиме главите, да одмориме и да видиме што ќе се случува и како новите луѓе во РФМ ќе ги направат плановите. Јас имам своја визија и стратегија, доколку тие се заинтересирани, тогаш јас ќе го кажам моето мислење. Тука секогаш сум бил за Македонија, во една или друга улога. Македонија секогаш ќе ја има мојата помош, тука сум бил секогаш кога треба. Да ги собереме впечатоците, да видиме што ќе се случува и ќе се донесе заедничка одлука, без разлика кој ќе биде, најважно е да биде за најдоброто за нашиот спорт број еден, а тоа е ракометот“, изјави Лазаров.
Предводникот на нашата ракометна гордост во продолжение изрази благодарност до Мукаетов за неговата работа за доброто на ракометот, но и за поддршката што ја давал и во добро и во лошо.
„Му благодарам на Мукаетов за поддршката во добрите и лошите периоди, заедно издржавме не за да опстоиме, туку за доброто на Македонија и македонскиот ракомет. Ова е благодарност за човек кој го сака спортот. Не е лесно кога играте со национална селекција и поразите можат да ве убијат, но не се предаде ниту еднаш во сите овие години. И во успеси и во неуспеси, тоа е таков човек кој во иднина ќе му недостига на македонскиот ракомет. Тој беше најголемата поддршка во сите тешки моменти, успеавме заеднички сите да изградиме една нова генерација која ќе биде сè подобра и ќе се обиде да го следи овој ритам“, дополни Лазаров.
Најдобриот македонски ракометар седна на клупата на репрезентацијата на почетокот од 2021 година, кога се уште беше активен играч и оттогаш ги предводеше жолто-црвените на големите натпреварувања, а секако и во квалификациите пред нив.