Ни треба само бод против Гвинеја, но сѐ освен убедлива победа би било – светско чудо!

Македонските ракометни репрезентативци денеска ќе го одиграат последниот меч од првата фаза на СП во Вараждин и тоа против аутсајдерот Гвинеја (18 часот) во меч во кој ни треба најмалку еден бод за да се пласираме во следната рунда, а со тоа да обезбедиме уште три меча во овој хрватски град крај брегот на реката Драва.

Сите анализи и проценки велат дека жолто-црвените треба многу лесно да дојдат до победа во вечерашната пресметка, но Мундијалот е место каде што играат најдобрите од сите континенти, па не зачудување предупредувањето на селекторот Кирил Лазаров дека ривалот не смее да се потцени. Африканците претрпеа два убедливи порази досега (18-35 со Унгарците и 23-40 со Холанѓаните), додека Македонија прво ремизираше против Унгарија (27-27) додека загуби од Холандија (32-37) во контроверзен меч во кој противникот имаше огромна судиска помош.

„Нема да калкулираме, победата ни е потребна за пласман во втор круг. Можеби сме фаворити на хартија, но со оглед дека имавме две тешки и исцрпувачки дуели, очекувам тежок натпревар против Гвинеја, која не смееме да ја потцениме“, изјави Лазаров.

Македонската селекција со евентуална победа, па дури и реми сигурно ќе се најде во следниот круг на СП, каде што ќе пренесеме еден бод и каде што ќе се пресметаме уште со Франција, Австрија и Катар во обид да направиме чудо и да дојдеме до едно од првите две места што водат во четврт-финалето на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка.