Алкараз: Австралија опен е турнир на Ѓоковиќ

Карлос Алкараз по десетти пати во кариерата ќе игра четвртфинале на Гренд слем турнир откако утринава беше подобар од Џек Дрејпер.

Во следната фаза тој го очекува подобриот од мечот меѓу Новак Ѓоковиќ и Јиржи Лехечка, но цел свет очекува негова пресметка со еден од најдобрите на сите времиња. Ѓоковиќ има десет титули од Мелбурн и Алкараз е свесен за неговата сила, дури и кога тој е во 38. година од животот.

„Ова е негов турнир. Нема да биде првпат да играме на Гренд слем, се знаеме многу добро и знам што треба да направам против него на оваа подлога. Физички сум на добар пат, најважно е што брзо ги завршувам натпреварите“, рече Алкараз иако уште се очекува Ѓоковиќ да го потврди својот пласман во четвртфиналето.

Против Србиот, тој играл седум пати и билансот е 3-4 за Ѓоковиќ со тоа што последен пат на Гренд слем турнирите се сретнаа во финалето на Вимблдон кога Алкараз го уништи својот ривал со 3-0 и само десет загубени гема.