Алкараз ја прескокна и четвртата пречка и го чека Ѓоковиќ

Карлос Алкараз утринава го совлада Џек Дрејпер и го исполни првиот услов за спектакуларен дуел со Новак Ѓоковиќ.

Шпанецот не се намачи многу бидејќи при водство од 2-0, британскиот тенисер го предаде мечот поради повреда. На теренот остана само 92 минути, но ако се земе предвид дека Дрејпер во вториот сет само статираше, Алкараз играше активно само нешто помалку од еден час.

Првиот сет го доби со 7-5, но можеше многу побрзо да ја заврши работата ако не му дозволеше Дрејпер да се врати во игра. Во шестиот гем му зеде брејк, водеше со 5-3 и имаше можност да поведе со 1-0 во сетови, но Британецот неочекувано  дојде до израмнување на 5-5. Во 11. гем Дрејпер водеше и со 0-30, но Алкараз успеа некако да направи пресврт и во 12. гем да дојде до водство од 1-0 во сетови.

Меѓу двата сета Дрејпер замина во соблекувална на медицински третман, а по враќањето не беше истиот. Вториот сет му припадна на Алкараз со 6-1 за потоа Дрејпер да заклучи дека не може повеќе и да предаде. Алкараз, за кого ова е 10. Гренд слем четвртфинале во кариерата, сега го очекува победникот од дуелот меѓу Ѓоковиќ и Лехечка, а целиот свет очекува пресметка меѓу него и српскиот ас.