Најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас, екипата на Работнички, дефинитивно од следната сезона своите натпревари повторно ќе ги игра во својот дом во „Градски парк“, од каде што принудно беше „избркан“ пред неколку години поради дотраеноста на овој спортски објект од времен карактер изграден во далечната 1970 година.

Ова денеска го потврди градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, презентирајќи ја првата фаза од обновата на „храмот на кошарката“. Работите веќе се почнати, ќе се менува речиси сѐ, но габаритот и капацитетот нема да биде променет. Најавено е поставување на 900 нови столчиња, а ќе биде поставен нов паркет кој ќе биде поместен кон централната трибина за да се задоволат стандардите на ФИБА за имање простор од најмалку два метри на секоја страна на теренот.

Работнички пред една година доби 500.000 евра за реконструкција на салата, додека пред два месеци му беа одобрени дополнителни 1,5 милиони евра за истата намена – реконструкција на „Градски парк“.