„Македонија мора да се потпре на сите квалитетни фудбалери - без исклучок!“

Новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ и спортскиот директор на националните репрезентации, Горан Пандев имаа состанок со селекторот на сениорската селекција, Благоја Милевски.

Тие имаа состанок во „Куќата на фудбалот“, каде што разговараа за актуелните теми поврзани со репрезентацијата, но и други аспекти кои ќе бидат важни за подобро утре на националниот тим.

„Имавме отворен и пред сè искрен разговор. Претседателот на федерацијата ја повтори искажаната поддршка за работата на А македонската репрезентација. Со Горан се согласивме дека репрезентацијата секогаш треба да биде над сите нас. Тоа е национален интерес и секогаш ќе биде во прв план. Сите треба да се ставиме во функција на тоа и на Македонија. Се надевам дека ќе имаме добра соработка во интерес на тимот, но и на сите кои ја поддржуваат македонската репрезентација“, кажа селекторот Милевски.

Пандев, од друга страна, посочи дека разговарале со селекторот за подобра иднина на репрезентацијата.

„Драго ми е што отворено разговаравме за тоа што може да биде подобро во иднина и дека заедно ќе се стремиме да одиме напред кон нови победи. Заедно со претседателот Омерагиќ ни беше важно да разговараме отворено со селекторот за сите теми и му благодарам што го сфати она што го сметаме за правилно, а тоа е дека како мала држава мораме да се потпреме на сите расположливи сили и фудбалерите кои имаат квалитет мора да помогнат и со настапи во репрезентацијата. Секако, доколку тоа го заслужуваат. Верувам дека ги решивме сите такви прашања и се радувам на новите предизвици“, посочи Пандев.