Шортс постигна 29 поени, но Париз загуби на гости кај Асвел

Асвел ја запре победничката серија на Париз во Евролигата, откако вечерва го совлада со 98-93 во 15. коло од натпреварувањето.

Возбудлив натпревар се играше од самиот старт, а Париз по првата четвртина водеше со 24-22, додека домаќинот потоа направи пресврт и на паузата замина со 49-40.

Париз се врати во игра со одличната трета четвртина кога стигна на само еден поен негатива, по што во последните 10 минути се водеше голема борба на паркетот, но Асвел триумфира со 98-93.

Пред оваа средба, Париз беа во неверојатна победничка серија од 10 натпревари, односно една од најдолгите во историјата на Евролигата. Последниот пораз им беше на 17 октомври од Баерн.

Македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс запиша 29 поени, три скокови и осум асистенции за Париз, додека Маледон постигна 22 поени, пет скокови и седум асистенции за Лион.