Нено е велемајстор, но самоубиство е во модерната кошарка да се игра – сам против сите!
И со право, бидејќи начинот на кој го полнеше кошот на Литванците беше вонсериски, тие едноставно немаа начин како да го спречат. Апсолутно доволно за сите индивидуални признанија што постојат во квалификациите за ЕП 2025. И, толку! Македонија не виде никаков ќар од неговото солистичко шоу, бидејќи кошарката всушност е тимска игра во која се игра – пет на пет. Поразот беше убедлив, двоцифрено губевме дури и со Нено во тимот, а тотално се распаднавме кога тој се повреди. Разбирливо, бидејќи сите негови соиграчи до тој момент беа гледачи налик на сите други во салата.
Учинокот на Димитријевиќ лесно може да се објасни бидејќи упати неверојатни 30 удари кон противничкиот кош, исто колку и сите останати негови соиграчи – заедно. Ако се направи анализа, ќе се дојде до податок дека во 90-отсто од времето во нападите на жолто-црвените, топката била во рацете на Нено. Ова значи дека останатите наши кошаркари може да се „пофалат“ дека само во неколку наврати по неколку секунди го имале баскетот кај себе и тоа најчесто само за да му го вратат на лидерот на националниот тим. Затоа и не зачудува што еден вонсериски шутер од калибарот на Дамјан Стојановски за 16 минути има зачудувачки еден (1) удар кон кошот на Литванија, неговиот брат-близнак Војдан за 26 минути има неверојатни четири шутеви, а Адем Мекиќ само два обида за 22 минути.
Со вакво исфрлање од концепцијата на нападот на тројца од нашите најдобри офанзивци, воопшто не зачудува што „паднавме во бездна“ во последните шест минути кога Димитријевиќ принудно се пресели на клупата, бидејќи негови соиграчи беа „студени како мраз“ поради тоа што и самите беа гледачи на неговото шоу. Според стручњаците, модерната кошарка одамна не трпи вакви „солистички концерти“ без разлика на крајниот инвидуален ефект, за што најдобра потврда е изјавата на противничкиот селектор, легендарниот Римантас Куртинаитис.
„Еден кошаркар не може сам да победи во било кој натпревар, особено не во 21 век, макар постигнал и 100 поени“, изјави предводникот на Литванија.
Македонија и покрај овие два порази сѐ уште има шанси за пласман на ЕП 2025, за што ни требаат победи над Естонија на гости (со повеќе од шест разлика) и над Полска дома, но и пораз на Естонците на гостувањето кај Литванија. Шансата е минимална, но постои, особено што во последниот циклус во февруари ќе може да сметаме и на евролигашките кошаркари, што значи дека Димитријевиќ ќе може да има помош од еден од двајцата натурализираните Американци – Ти Џеј Шортс односно Итан Хап.
Тоа би можело да заврши позитивно, но само со тимска игра без преголемо солирање. Со еден кошаркар, макар тој бил (веле)мајстор како Димитријевиќ тешко се доаѓа до една победа, а не, пак, до пласман на големо натпреварување.